There are no translations available.
Борачкиот клуб “Неготино” е формиран во 1969 година како секција за борење “Младост”. Од сезоната 1970/71 оваа секцијата преминува во борачки клуб “ФКН” - Неготино и најдобрите резултати ги постигнува токму под ова име. Од 2001 година клубот го носи денешното име БК “Неготино” Прв претседател на клубот е Петар Костадинов, a прв тренер на клубот по формирањето е Иван Рангелов.
Најдобар резултат на клубот под името “ФКН” е учеството во Првата сојузна лига на бившата СФРЈ. Најдобрите спортисти кои ги даде клубот се: Јане Мелов – кадетски првак на СФРЈ во категоријата до 59 килограми (1986 год.), кадетски вицешампион на СФРЈ во категоријата до 65 кг. (1987 год.) и вицешампион на Македонија во сениорска конкуренција во тешка категоријата над 100 кг. (1998 год.). Во 1986 година Јане Мелов е прогласен за најдобар млад спортист на Општина Неготино. Меѓу останатите успешни членови на БК “Неготино” ќе ги споменеме Ванчо Мојсов – државен првак на Југославија во категорија 62 кг., Тони Димов – Џони – државен младински првак на СФРЈ, Спасо Јованов и многу други. Од помладите генерации за издвојување се резултатите на Оливер Буровски кој во сезоната 1996/97 стана државен првак на Македонија во својата категорија.
Во тековната сезона клубот има екипни настапи во Првата македонска лига која се оддржува турнирски и започнува во втората половина на годината, а исто така според календарот на федерацијата предвидени се и поединечни настапи на борачите на државните првенства во сите категории.
Сегашен Претседател на клубот е Илија Ангелов, а тренер на екипата која работи претежно со помлади категории е Јане Мелов. Во тековната сезона клубот има 30 членови.
БК “Неготино” настапува во малата сала на СРЦ ”Младост”. |