РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ЛОКАЛНИ ПАТИШТА PDF Печати
     Локалната самоуправа Неготино секоја година од Агенцијата за државни патишта добива на располагање средства во висина од околу 5 милиони денари. Употребата на овие средства е строго наменска и се однесува на реконструкција и изградба на патната инфраструктура на територијата на општината, се разбира со утврдени приоритети од страна на надлежните органи, додека еден дел е наменет за зимско одржување на уличната мрежа во градот. Според предлозите на стручните служби, се очекува оваа година овие средства да бидат искористени за изградба и реконструкција на два патни правци и тоа Неготино – Тимјаник и Неготино – Курија. Направените пресметки говорат дека средствата ќе бидат доволни за комплетно уредување на 3,5 километри од патот Неготино – Курија и 1 километар од потегот Неготино – Тимјаник. Со реализацијата на овој проект се очекува да дојде до значително зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот на овие два патни правци.