There are no translations available.
Во организација на Општина Неготино Две урнебесни комедии по повод Денот на театарот - 27 март Во рамките на програмата за култура на општина Неготино, а по повод Денот на театарот 27 март, оваа година општината во соработка со Центарот за култура “Aцо Ѓорчев” организира две театарски претстави. Првата претстава во изведба на аматерскиот театар при домот на културата “Mирка Гинова” од Демир Капија носи наслов “Не шетај гола”, додека втората во изведба на Народниот театар од Штип е со наслов “Кара Дончо”. Претставата “Не шетај гола” во изведба на аматерсскиот тетар “Мирка Гинова” од Демир Капија е урнебесна комедија во која се вклучени необични заплети, што создаваат феноменални услови за интерпретација на текстот напишан од Жорж Фејдо. Се работи за претстава со комичен урнебес во кој играат седумина актери. Претставта ќе биде прикажана на 27 март со почеток од 19.00 часот во Центарот за култура “Ацо Ѓорчев”. Од друга страна претставата „Кара Дончо“ во изведба на Штипскиот народен театар е инспирирана од нашето минато и од актуелниот општествен и социјален живот кај нас, овде и сега. Текстот е инспириран од настани и личности од античко време силно испреплетени со денешнината, а препознавањето на ликовите од поблиската историја и сегашноста е сосема случајно.
“Кара Дончо” е прототип на балкански човек и во него ќе се препознае секој што ќе ја гледа претставата. Дончо сонува да биде слободен, нешто што на нас Балканците тешко ни успева, и тука е поентата. Комедијата „Кара Дончо“ во изведба на Штипскиот народен театар е работена по текст на Трајче Кацаров, а е во режија на Младен Крстевски. Во претставата играат Милорад Ангелов, Ефтим Трајчов – Ѓаурски, Сања Арсовска и Марија Минчева. Почетокот на претставата е закажан за 29 март со почеток од 19.00 часот во Центарот за култура “Ацо Ѓорчев”. Ова е одлична можност за љубителите на културата, а особено љубителите на театарот да погледнат две исклучително интересни театарски претстави, две урнебесни комедии, чија основна цел е на неготинската театарска публика да и понудат пријатни моменти и добра забава. |