Локалната библиотека „Страшо Пинџур“ од Неготино врз основа на предходно распишаниот конкурс, ги прогласи „најчитателите“ за лето 2014-та година. Имено, на пригодна свеченост што се одржа во читалната на библиотеката сместена во просториите на ТИЦ „Желкова куќа“, наградите и дипломите на најчитателите им го додели градоначалникот на општина Неготино Ванчо Апостолов. Така, за најчитатели од ОУ„Страшо Пинџур“ прогласени беа Симона Андоновска, Цветанка Пасинечка и Владанка Тефова, од ОУ„Гоце Делчев“ наградени беа Марија Цветкова, Андонија Кузева и Ристе Петков, најчитатели од СОУ„Св. Кирил и Методиј“ се Ана Петрова, Ружица Астарџиева и Дејан Пановски, додека во категоријата возрасни награди и дипломи добија Стефанија Симонова, Ангеле Бушевски, Богданка Арсова и Александра Балканска. Директорката на библиотеката Катерина Данаилова изрази надеж дека преку ваквите форми на стимулирање, ќе се зголеми бројот на читателите, а аналогно на тоа и бројот на изнајмени книги од неготинската библиотека која располага со навистина извонредно богат фонд на книги од сите жанрови. |
Повеќе...
|
„Со ставањето во функција на реконструираниот и асфалтиран патен правец од Курија до Паликура кој се протега на подрачјето на двете општини Неготино и Росоман, го означуваме завршувањето на уште еден проект ветен од страна на Владата на РМ и општините “ – изјави министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески кој денеска заедно со градоначалникот на општина Неготино Ванчо Апостолов и градоначалникот на општина Росоман Стојанче Лазов на пригодна свеченост го пуштија во употреба новоизградениот пат во должина од 3 километри. Јанакиески додаде дека проектот е реализиран со средства од Владата на РМ преку Агенцијата за државни патишта во висина од 350.000 евра и со истиот патувањето од Неготино до Росоман се скратува за цели 11 километри, се обезбедува безбедно одвивање на сообраќајот, а бенефитите ќе ги почуствуваат и земјоделците кои во овој регион имаат површини и тоа во делот на транспортот на родот. Градоначалникот на општина Неготино Ванчо Апостолов рече дека изградбата на овој патен правец ќе придонесе за развој на овој претежно земјоделски регион и додаде дека на негово инсистирање работници на Гранит изведоа градежен зафат и во село Курија со тампонирање на една улица во должина од 150 метри и уредување на просторот пред селските гробишта. Градоначалникот пак на Росоман Стојанче Лазов со изградбата на патот гледа потенцијал за зголемен интерес за изгрдба на мини-винарии, бидејќи токму во непосредна близина се наоѓаат парцелите понудени на продажба за изградба на винарски визби. По завршувањето на свечената церемонија, министерот Јанакиески оствари работна средба со градоначалникот на општина Неготино Апостолов која се одржа во неговиот кабинет. |
Повеќе...
|
„Ние како локална самоуправа во соработка со останатите надлежни институции благовремено ги презедовме сите потребни мерки и активности што е можно поподготвено да го дочекаме стартот на манифестацијата „Неготински панаѓур-2014“ и што се однесува до организацискиот дел, панаѓурот може да почне “ – истакна градоначалникот на општина Неготино Ванчо Апостолов, кој не го криеше задоволството од интересот од страна на потенцијалните понудувачи на производи и услуги за време траењето на манифестацијата. Според Апостолов најголемиот дел од местата предвидени за поставување на тезги со стоки и производи се веќе продадени, останат е само еден мал дел кој сигурно ќе се потполни со денот на започнувањето на панаѓурот, така што граѓаните на општина Неготино и сите други потенцијални посетители ќе имаат навистина широк избор. Нема да изостане ниту добрата забава која ќе ја има за сите генерации, бидејќи најголемиот број угостителски објекти се погрижија нивните гости за време на панаѓурот да ги забавуваат повеќе естрадни уметници од забавната и народната музика, а исто така општината во соработка со Полициската станица од Неготино се координираа безбедноста да биде на највисоко ниво. Од име на општина Неготино, градоначалникот Апостолов ги поканува сите граѓани на Република Македонија да присуствуваат на Неготинскиот панаѓур кој се одржува во деновите недела, понеделник и вторник ( 21,22 и 23 септември ), додека на 20-ти овој месец ќе се одржи и традиционалната Манастирска вечер во манастирот „Свети Ѓорѓи“ кај Неготино. |
Повеќе...
|
Точно 1 година градоначалникот на општина Неготино Ванчо Апостолов, на чиј предлог Советот на општината донесе одлука за спроведување на оваа стимулативна мерка, на секои 2 месеци во континуитет, на семејствата кои имаат новородени деца им доделува вредносни ваучери од 7.000 денари. Мерката, покрај останатите што ги реализира Владата на РМ, е донесена да се стимулира наталитетот на подрачјето на неготинска општина, а истата при секое доделување на ваучерите е поздравувана од страна на родителите кои имаат принова во семејството и овие средства на одреден начин им претставуваат поддршка при одгледувањето и подигнувањето на своите деца. Така беше и денеска кога на пригодна свеченост градоначалникот Апостолов додели нови 34 ваучери на родители кои имале новороденчиња во месеците јули и август, што значи дека мерката се спроведува во континуитет и без никакво доцнење. Инаку, според податоците од стручните служби при локалната самоуправа од стартот на спроведувањето на оваа стимулативна мерка, во септември минатата година, досега се доделени вкупно 183 ваучери што кореспондира со бројот на новороденчиња во нашата општина. Апостолов најави дека реализицијата на овој проект ќе продолжи и во иднина и секое семејство што ќе има новороденче, од буџетот на општина Неготино ќе дбова по 7.000 денари. |
Повеќе...
|
ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ НА ЗАИНТЕРЕСИРАНИ КАНДИДАТИ КОИ РАБОТАТ КАКО ТАКСИ ВОЗАЧИ ВО ПРАВНИ ЛИЦА ЛИЦЕНЦИРАНИ ОД ОПШТИНА НЕГОТИНО ЗА ОВАА ДЕЈНОСТ, ЗА ПОСЕТУВАЊЕ НА ОБУКА ЗА ПОЛАГАЊЕ НА ИСПИТ ЗА ДОБИВАЊЕ НА МЕЃУНАРОДЕН СЕРТИФИКАТ ЗА ПОЗНАВАЊЕ НА АНГЛИСКИ ЈАЗИК
Според измената и дополнувањето на Законот за превоз во патниот сообраќај (,,Службен весник на РМ ”со бр.68/04,127/06,114/09, 83/10, 140/10, 17/11, 53/11, 6/12, 23/13, 120/13, 163/13 и 187/13), каде се менува членот 8 став 1 точка 4, потребно е такси возАчите да поседуваат меѓународен сертификат за познавање на англиски јазик на ниво А1 или А2 според Заедничката европска референтна рамка за јазици ( CEFR ) на Советот на Европа. Поради тоа општина Неготино со цел да им помогне на такси возачите ќе организира посетување на обука за полагање на испитот за добивање на меѓународен сертификат за познавање на англиски јазик на ниво А1, за кандидатите кои работат како такси возачи во правни лица лиценцирани од општина Неготино за оваа дејност, при што трошоците за оваа обука ќе ги сноси општина Неготино. 1.1. Предмет на јавниот повик е пријавување на заинтересирани кандидати кои работат како такси возачи во правни лица лиценцирани од општина Неготино за оваа дејност, за посетување на обука за полагање на испит за добивање на меѓународен сертификат за познавање на англиски јазик на ниво А1 според Заедничката европска референтна рамка за јазици (CEFR) на Советот на Европа. 1.2. Обуката за полагање на испит за добивање на меѓународен сертификат за познавање на англиски јазик опфаќа посетување на предавање кое ќе го вршат професори по Англиски јазик. 1.3. Обуката ќе содржи 80 часови односно 40 блок часови, за ниво А1 1.4. За заинтересираните пријавени кандидати во дадениот рок со овој Јавен повик, трошоците за обука ќе бидат преземени од страна на општина Неготино. 2. ПРАВО НА УЧЕСТВО НА ЈАВНИОТ ПОВИК Право на учество на јавниот повик имаат сите заинтересирани кандидати кои работат како такси возачи во правни лица лиценцирани од општина Неготино за оваа дејност, кои ги исполнуваат следниве услови : - лицата да не бидат постари од 62 години - да се вработени како такси возачи. 3. НАЧИН НА ПОДНЕСУВАЊЕ НА ПРИЈАВА 3.1. Заинтересираните кандидати кои работат како такси возачи во правни лица лиценцирани од општина Неготино за оваа дејност, за посетување на обуката за полагање на испитот за добивање на меѓународен сертификат за познавање на англиски јазик поднесуваат пријава до архивата на општина Неготино. 3.2. Готов образец од пријава за заинтересираност за посетување на оваа обука може да се подигне во архивата на општина Неготино или на официјалната интернет страна на општина Неготино (negotino.gov.mk). 3.3. Кон пријавата се доставува следнава документација: - копија од лична карта - копија од М1/М2 образец за лицето што се пријавува. 4. РОК НА ПРИЈАВУВАЊЕ 4.1. Пријавите можат да се достават во рок од 40 дена од денот на објавувањето на огласот. 4.2.Пријавите се доставуваат директно во aрхивата на општина Неготино, со седиште на ул.„Ацо Аџи-Илов“ бр.2. 5. НАПОМЕНА : - Со обука ке се отпочне во наредните месеци при што сите пријавени кандидати поединечно ќе бидат известени. - Кандидатите кои нема да се пријават на јавниот повик до рокот предвиден за пријавување, немаат право да ја посетуваат обуката организирана од страна на општина Неготино односно подготовките за испитот ќе биде на нивни трошок. |
|
|